The Prisoner ќе биде телевизиска мини-серија базирана на оригиналната серија од 60-тите години на минатиот век. Шоуто е произведено од страна на американската кабелска телевизија AMC во соработка со британската мрежа ITV.
Оригиналната верзија на „Затвореникот“ и ден-денеска се смета за еден од најуспешните и најоригинални Британски проекти. Оваа верзија премиерно се прикажувала од 29 септември 1967 година, до 1 февруари 1968. Во главната улога бил Патрик МекГохан (кој истовремено бил и сценарист), а своевремено серијата претставувала мешавина на шпионска фантазија со елементи на научна-фантастика, алегорија и психолошка драма.
Според трејлерот за новата американска верзија на серијата прикажан на Comic Con-от во Сан Диего, јасно е дека темата на серијата си останува иста - човек се буди во село кое е одделено од остатокот од светот со планини и мориња. Самото село е осигурано со агенти, разновидни набљудувачки системи и чудни безбедносни уреди (вклучувајќи мистериозна машина наречена Ровер која ги заробува оние кои вршат обид за бегство). Во селото има илјадници луѓе од најразлични земји и култури низ светот. Во новата верзија, нивните мемории од „претходниот“ живот им се уништени.
Премиерата на оваа мини-серија во шест епизоди ќе се случи в недела, 15 ноември, на AMC!