Со нов менаџмент и нова и млада екипа на новинари, на трети јуни 2008 година телевизија Алфа започна да емитува редовна програма.
Телевизијата е од конвенционален карактер, што значи дека нуди информативни содржини, културно-забавна програма, која ја опфаќа филмската и документарната продукција и спортска програма.
Соодветно на тоа и организациски редакциите се поделени на информативна, контактно-забавна и спортска редакција, каде што работат преку 50 новинари и уредници, а во целата телевизија се вработени вкупно 137 луѓе.
Менаџерскиот тим на Алфа го предводат Младен делев како генерален директор и Љубомир Николовски како програмски директор. Главен и одговорен уредник е Ацо Кабранов.
Телевизиското новинарство е многу специфична работа, бидејќи за разлика од печатените медиуми, овде квалитетот на крајниот производ зависи од работата на многу поголем број луѓе. Односно, крајниот телевизиски производ е крајот од “лентата на телевизиското производство”, на која стојат повеќе работници, а контролор е самиот новинар.
Така, и покрај тоа што секаде во светот, според телевизиските стандарди, главниот носач на информациите во вестите се добрите слики, односно добро компонираните кадри, тоа не е случај во Македонија. Овде, многу малку телевизиски новинари знаат дека прилогот всушност треба да го осмислуваат на база на сликата. Но, за да имаат квалитетни и добро измонтирани слики, потребен е квалитетен ангажман и од страна на снимателите, монтажерите и другите телевизиски техничари.
Прво што на овој план го направил менаџментот на Алфа ТВ е што инвестирал во квалитетни обуки на младите новинари, кои во најголем дел се почетници.
Со ова Алфа може да се вброи во една од ретките приватни телевизии во Македонија која сериозно се позанимавала со инвестирање во знаењата и вештините на својот новинарски кадар, како основен предуслов за квалитетот на вестите и останатата програма.
Секој што досега влегол во Алфа телевизија, останал со отворена уста, кога видел каква техника има оваа телевизија, што не е случај со ниту една од македонските телевизии.
Голем дел од инвестицијата е вложена токму во купување најмодерна дигитална опрема. Продукциската опрема во Алфа е целосно дигитализирана. Базирана е на систем кој работи во XDcam формат (дигитален запис на камерата) и на BlueRay дискови. Ова значи дека Алфа ТВ емитува сигнал со драстично подобар квалитет од сигналите на останатите македонски телевизии, што ќе придонесе за еден исклучително квалитетен краен изглед на програмата.
Телевизијата е организирана во три режии. Првата режија е наменета за вести, втората - за продукција, а третата - за програма.
Телевизијата има две студија. Првото на површина од околу 220 квадратни метри е наменето за продукција и има седум камери плус кран камера, а второто студио на површина од околу 72 квадратни метри е наменето за вести и е опремено со три камери.
Студијата се климатизирани, а ги задоволуваат стандардите од акустички аспект и од аспект на соодветна висина која е потребна за да се намести добро светло.
Направени се по евровизиски стандарди.
Во техничкиот оддел на Алфа телевизија работат 11 монтажери, 12 сниматели, 6 режисери, 6 реализатори, 8 видео миксери и 8 тон мајстори.